Со свечена бадникова манифестација „Коледе леде“, Општина Крива Паланка на 6 јануари ја одбележа традиционалната прослава по повод Бадник, денот што го најавува Христовото раѓање и еден од најзначајните празници во православниот христијански календар.
Настанот беше збогатен со бадникова поворка во која учествуваа околу 300 деца од двете основни училишта во Крива Паланка, заедно со членови на културно-уметничките друштва. Со носење божиќни ѕвезди и изведба на традиционални бадникови и божиќни песни, најмладите испратија силна порака за негување на духовното наследство и пренесување на празничните вредности на идните генерации.
Во рамки на манифестацијата беше одржана и пригодна уметничка програма со бадникови и божиќни песни, во изведба на ученици под менторство на проф. Лариса Жулина Митовски, со што празничната атмосфера доби и свечена културна димензија.